ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ ПО ПОВОД 18-ТИ АВГУСТ ДЕН НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ, 18.08.2016 ГОД.

Почитуван Претседателе,
Почитувани министри,
Почитуван Началник на Генералштабот, генерали,
Почитувани пратеници во Собранието на РМ,
Ваши екселенции, амбасадори во Македонија и воени аташеа
Почитувани припадници на АРМ и Министерството за одбрана,
Почитувани гости,

Ми претставува особена чест и задоволство да го честитам „18-ти август – Денот на Армијата на Република Македонија” на сите припадници на АРМ, цивилни лица во служба на АРМ и претставници на Министерството за одбрана.

Почитувани,
Во изминатите дваесет и четири години изградиме модерна, професионална, ефикасна и силна Армија достојна за почит. Армија, која е гарант на територијалниот интегритет и суверенитет, ги промовира и штити интересите на Република Македонија насекаде каде што е потребно. Армија, која е во служба на своите граѓани и дава поддршка на државните институции во случај на поплави, земјотрес, пожари и други природни непогоди и кризни состојби. Овие денови Армијата неуморно работи на терен во отстранувањето на последиците од минато неделните поплави кои зафатија дел од Скопје. Уште од првиот момент, Армијата притекна во помош за спасување, за пребарување, како и за отстранување на последиците од поплавите и наносите на земјиште. Наша мисија е да им помогнеме на овие граѓани на Република Македонија да се вратат на секојдневниот живот и ќе останеме на терен се додека е потребно. Армијата изминатава година активно и дава поддршка на полицијата во заштитата на нашата јужна граница во справување со мигрантите.

Огромна е сатисфакцијата од фактот што изградивме Армија во која граѓаните имаат најголема доверба. Обврска е да продолжиме посветено да работиме за да ја оправдаме довербата од граѓаните.

Почитувани дами и господа,
Во изминатиот период успеавме да изградиме ефикасни, високообучени интероперативни сили и способности на Армијата на Република Македонија. Во последниве 2 години примивме 375 професионални војници и 70 офицери. До крајот на оваа година ќе ја пополниме Армијата со уште нови 90 професионални војници и 75 официри, од кои 35 питомци кои завршија на Воената академија и 20 од специјалностите.

Континуирано вложуваме и во унапредувањето на образованието на припадниците на АРМ и на МО. Пред неколку месеци, Собранието на Република Македонија донесе закон за формирање нов Универзитет на национална одбрана и безбедност „Дамјан Груев”.

Паралелно се гржиме и за стандардот на припадниците на АРМ. Мината недела направивме избор на најповолна понуда за изградба на првата зграда од проектот АРМ мој вистински дом. Рокот на жалба тече, така да ако се е во ред, веќе идната недела ќе бидат потпишани првите 32 преддоговори за купување на станови со овој проект. Веднаш по ова ќе продолжиме со изградба и на останатите згради. Сигурен сум, дека идната година, кога ќе славиме 25 годишнина од постоењето на АРМ ќе може да објавиме дека во тек е градба на станови за сите припадници на АРМ кои сакаат да го решат стамбеното прашање преку овој проект.

Во 2014 година ја започнавме реализацијата на најголемиот предизвик во градењето на воените способности на Армијата – опремување со современа воена опрема. Свесни сме дека модернизацијата на Армијата е долгорочен процес. Мината година Владата донесе одлука за набавка на современо вооружување и воена опрема за периодот 2015-2027 година.

Република Македонија својата иднина ја гледа интегрирана во НАТО и во ЕУ, цели за кои има силна јавна поддршка и целосен политички консензус. Нашата земја останува целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои ќе произлезат од идното членство во Алијансата.

Co своето долгорочно учество во меѓународните мисии за поддршка на мирот, Република Македонија се афирмира како одговорен член на меѓународната заедница, која обезбедува значаен и вреден придонес во градењето на мирот и стабилноста во светот. Досега преку 3500 воен персонал на Армијата бил распореден во меѓународните мисии за поддршка на мирот, а денес во рамките на меѓународните мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан. И идната година планираме да продоложиме со истиот придонес. Придонесот во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН останува приоритет.

Почитувани припадници на Армијата, Се гордееме со Вашите постигнувања

Вие ја имате целосната поддршка на државното раководство и на граѓаните на Република Македонија за успешно извршување на Вашите мисии и убеден сум дека вербата во Вас ќе бидат мотив повеќе да продолжите да ги извршувате поставените задачи – доследно и професионално како што доликува на припадници на Армијата на Република Македонија. На сите припадници на Армијата, дома и во странство, им посакувам и многу успех и добро здравје.

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ 18 АВГУСТ – ДЕНОТ НА АРМИЈАТА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail