ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ ПО ПОВОД ПРОМОЦИЈАТА НА ПУБЛИКАЦИЈАТА „АРМ – 12 ГОДИНИ АМБАСАДОР НА МИРОТ“ 17.03.2016, Музеј на македонската борба

Почитувани,

Добредојдовте во ова прекрасно здание, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност каде Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија денес, заедно со вас ценети гости,за прв пат меѓу славните војводи и команданти од минатото ги споделуваме успесите на македонската војска од почетокот на 21-от век. Армијата на Република Македонија се докажа како најцврст чувар и гарант на независноста и самостојноста на нашата држава како гарант во остварувањето на заветот на нашите претци да ја браниме слободата и сувереноста на Република Македонија.

Армијата на Република Македонија формирана пред 24 години врз славните борбени и слободарски традиции на револуционерните чети на Илинденците и партизанските одреди на Народноослободителната војска на Македонија, речиси половина време од своето постоење како достоен партнер на меѓународната заедница, особено НАТО и Европската Унија е ангажирана во зачувување на мирот и слободата, заштита на демократијата и човековите права, еднаквоста и слободата надвор од границите на нашата татковина.

12 години почнувајќи од 2002 до 2014 година, Армијата на Република Македонија беше своевиден амбасадор на мирот во меѓународната мисија на НАТО во Авганистан – ИСАФ.

Успешното завршување на мисијата ИСАФ беше повод Министерството за одбрана да ја подготви публикацијата „АРМ – 12 години амбасадор на мирот во мисијата ИСАФ“ со чија промоција денес сакаме да им оддадеме признание на сите припадници на АРМ кои ја претставуваа нашата татковина во една од најголемите меѓународни мисии на НАТО.

Државното раководство на Република Македонија, Претседателот на РМ и врховниот командант на АРМ, Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија донесоа одлука за испраќање на нашите војници во Авганистан во еден исклучително тешко време и комплексен период за Македонија и за меѓународната заедница. Јас бев шеф на Кабинет на покојниот претседател Трајковски кога американскиот амбасадор дојде да праша за поддршка на Република Македонија на ИСАФ мисијата. Тогашниот претседател и сите после него, како и членови на Влада, пратеници, сите дадоа поддршка на ова учество. Мошне значајно е да се истакне дека за секоја ротација, секогаш нашите пратеници гласаа за испраќање на нашите мировници. Ова е показател колку македонското општество и македонските граѓани ја ценат и даваат поддршка на Армијата на Република Македонија.

Во мисијата ИСАФ учествуваа повеќе од 2.700 припадници на АРМ кои се ротираа 12 години. Политичкиот консензус и високата поддршка од граѓаните на Република Македонија е особено значајна во овој процес. Нашите војници често пати беа подготвени да го дадат и својот живот за да го заштитат мирот и слободата во Авганистан. Едно од моите најголеми и најсреќни моменти во Вашингтон беше кога во Белата куќа, во Советот за национална безбедност ми покажаа снимка како македонските мировници заедно со другите мировници ја штитеа американската амбасада од нападот на Талибанците.

Искуствата на припадниците на АРМ во Авганистан се голема корист во справувањето со предизвиците што денеска Македонија се соочува, односно мигрантската криза. Учеството на македонските мировници во овие мисии е двонасочна авенија – од една страна ние како Армија и држава се покажуваме како достоен партнер на меѓународната заедница и заедно со нашите мировници придонесуваме кон мирот и стабилноста во другите делови на светото. Од друга страна нашите офицери и војници, припадници на Армијата се здобиваат со огромно искуство што е значајно за нив како припадници на АРМ. За нашето учество припадниците на АРМ имаат добиено големи и бројни признанија и ордени и сите ние сме горди на нив.

Во оваа прилика сакам да изразам и голема благодарниот на семејствата на нашите мировници за нивната истрајност и поддршка на нивните најблиски. Да се испрати столбот на семејството далеку од дома не е лесно. Но тие знаат дека целта е благородна и човечна.

Министерството за одбрана и целата извршна и законодавна власт во Република Македонија продолжуваат со поддршката на Авганистан, сега како дел од новата мисија „Одлучна поддршка“.

Глобалната безбедност, стабилност и севкупен мир остануваат нашата определба. Контингентот од Република Македонија, иако намален во апсолутни бројки, останува да биде еден од највисоките „пер капита“ придонесувачи во Авганистан.

Оваа публикација на Министерството за одбрана ја издаваме во знак на благодарност кон припадниците на Армијата на Република Македонија за сето она што го направија за воспоставувањето мир и демократија во Авганистан, но и да биде потсетник за идните генерации за македонскиот култ кон слободата и еднаквоста.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail