Обраќање на НГШ на АРМ на Меѓународна научно-стручна конференција

Почитуван господине Претседател и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија,

Пoчитуван господине министер за одбрана,

Господа генерали,

Претставници на медиумите,

Драги гости,

 Република Македонија од своето осамостојување и етаблирање како самостојна и суверена држава води политика, развива стратегии и гради систем кој ќе овозможи нејзина целосна евро-атланска интеграција, согласно нејзините интереси, потреби и можности. Во таа насока, трансформацијата и модернизацијата на одбранбениот систем како главни препознатливи императиви во реформските процеси, претставуваат наша цврста определба и обврска која и покрај некои објективни потешкотии, успешно се реализираат. Денес, Република Македонија како членка во меѓународните организации, заедно со земјите-членки на НАТО, а особено со соседите и земјите во регионот, активно учествува во градењето на интегративните процеси на полето на одбраната и безбедноста.

Армијата на Република Македонија го сочинува највиталниот дел на единствениот одбранбен систем на Република Македонија и како таква во изминатиот период даде најголем придонес кон исполнувањето на високите стандарди на Алијансата на полето на одбраната, кои се бараа од нашата држава. Заради исполнување на поставените цели за изградба на професионална и модерна Армија, спроведени се повеќе трансформации. Како што е познато, крајната цел на реформските процеси во одбраната е преструктурирање и трансформација на АРМ во: мобилна, високообучена, професионална и модерна армија, препознатлива по својата способност за брзо распоредување и учество во меѓународни мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН.

Почитувани,

Како Армија со целосно професионален состав, АРМ денес е дизајнирана со структура на сили со развиени соодветни родовски компоненти за: огнена поддршка, блиска воздушна поддршка, противвоздушна одбрана, комуникации и врски, борбено-сервисна поддршка, АБХО и друго. Согласно мисијата и задачите за кои Армијата е наменета, посебен акцент е даден на развојот на пешадијата и специјалните сили со неопходната извидувачка компонента, како чинител кој ја третира разузнувачката подготовка на  бојното поле.

Современите безбедносни предизвици со кои се соочуваме од нас бараат примена на современ, унифициран и сеопфатен систем за образование и обука како на активниот, така и на резервниот состав на АРМ. Поставените високи цели за достигнување на интероперабилност и компатибилност со НАТО членките, како и доследното извршување на мисијата и задачите кои на Армијата & се доделени со Уставот и  законите, речиси е невозможно да се исполнат без развој на активен и резервен армиски состав, кој подеднакво ќе поседува борбени вештини, способности и знаења за извршување на различни мисии, како во земјата, така и надвор од нејзините граници. Новата структура на силите и трансформацијата на АРМ, очекуваме да го направи поефикасно командувањето и контролата со борбените единици, единиците за борбена и логистичка поддршка, како и да овозможи максимална синергија на борбените системи на бојното поле со борбено-сервисната поддршка и секако, воспоставување на еден нов систем на интеграција, токму помеѓу резервата и активниот состав.

Следејќи ги искуствата на повеќе современи армии, ќе ја трансформираме и релацијата помеѓу активната и резервната компонента на АРМ. Во функција на ова, за нас приоритетна цел ќе биде одбранбеното планирање, кое јасно ја дефинира потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата, на ниво на активната компонента. Поаѓајќи од сопствените потреби, а во согласност со современите трендови, на идната резерва гледаме како на компонента која се повеќе ќе се прецизира со легислативата, со основна цел, таа да се трансформира во поефикасна вооружена компонента, со соодветна и прилагодена организациска структура. Дополнителното доработување на регулативите кои се  однесуваат на оваа материја кај нас, сметам дека дополнително ќе ја зајакне поврзаноста на активниот состав со резервата и обратно. Ваквиот сериозен приод кон резервата во иднина ќе значи редефинирање на резервата во одбранбенбениот систем и несомнено вклучување на сите субјекти од Министерството за одбрана и Генералштабот, во процесот на планирање на обуката, вежбите и опременоста на резервата, во насока таа во наредниот период постепено да се изедначува со активниот состав.

 Почитувани,

 Денешната конференција очекувам да даде одговор на многу прашања поврзани со развојот на новиот концепт за активна резерва на АРМ и неговата имплементација во единствениот систем за одбрана и безбедност. Сметам дека со оваа конференција ќе се сврти вниманието и на следните прашања:

 1.    Дали активната компонента во АРМ треба во целост да биде со 100% професионален состав, или треба да се размислува за 20% пополна на активниот состав со редовно служење на воениот рок.

2.    Местото и улогата на општата и активната резерва и колкава всушност треба да биде резервата на Република Македонија и

3.    Пополнувањето на резервата со луѓе и материјално-технички средства.

Учеството на експертите, научните работници, како и активните и пензионираните припадници на АРМ, но и на оние од армиите од регионот и пошироко, за нас ќе значи конкретен научен придонес во настојувањата за креирање на современа резервна компонента во одбраната, кој сум убеден дека ќе се потпира и на искуствата и научените лекции, стекнати во современите армии.

На крајот, би сакал да му се заблагодарам на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, г-динот Ѓорге Иванов, што покрај неговите обврски одвои време да присуствува на конференцијата, што ни причинува особена чест. Користам прилика да искажам благодарност и до   претставникот на Здружената команда на силите на НАТО во Неапол, бригадниот генерал Хафман кој како претставник на Алијансата, со своето учество на конференцијата ќе даде соодветен придонес во развојот на резервните сили на АРМ.  Исто така, сакам да му оддадам признание и благодарност на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија и на генералот во пензија Илија Николовски како негов претседател, со чиј ангажман оваа конференција доби посебно значење и тежина.

Благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail