ОБРАЌАЊЕ НА НГШ НА АРМ на презентација на Годишна програма за одбележување на Јубилејот ,,20 години АРМ“ на 19.02.2012 година

Почитуван Министер за одбрана Фатмир Бесими,

Почитувани министри и претставници од Кабинетот на Претседателот и Владата на Република Македонија,

Почитувани екселенции амбасадори во Република Македонија,

Господа генерали и старешини,

Претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ,

Претставници на медиумите, Дами и господа,

Одбележувањето и прославата на јубилејот ,,20 години АРМ“ за нас, припадниците на АРМ ни причинува особена чест, но и обврска. Затоа, чувствувам потреба да ги изнесам следните факти.

Корените на Армијата на Република Македонија се длабоки, но во изминативе 20 години генерациите на независна и суверена Република Македонија, успеаа да го израснат и разгранат големото стебло кое може секој да говиди. Дваесет години, во историјата не претставува долг период, но за нас тоа се години исполнети со љубов кон татковината, лојалност, одговорност, професионалност и посветеност кон реформите. Овие атрибути ни овозможија успешно да ја исполниме пред се со Уставот определената мисија, она што е свето, одбраната на територијалниот интегритет и суверенитетот на нашата земја, Република Македонија. Успеавме за релативно кус временски период, да ги достигнеме бараните стандарди од НАТО и на тој начин рамноправно да учествуваме во меѓународните мировни мисии, со партнерите од Алијансата. Во изминатите десет години, околу 2500 припадници на АРМ беа најголемите амбасадори на Република Македонија, кои дадоа придонес во изградбата на мирот и стабилноста во светски рамки. За нив од различни страни на земјината топка пристигаа највисоки оценки, а помеѓу нивните браќа по оружје се опишани како: обучени, храбри и дисциплинирани војници кои на своето рамо гордо го носат сонцето на својата земја.

Почитувани,

Наша искрена желба и намера е големиот Јубилеј да го одбележиме заедно со граѓаните на Република Македонија, затоа што во дваесетте години развој, Армијата своите успеси ги градеше заедно со нив и секогашбеше и е подготвена да им помогне, како што тоа го правеше кога имаше поплави, пожари, спасување, доставување на хуманитарна помош,  изградба на патишта. Затоа, ни претставува особена чест, но и голема обврска, што АРМ како институција, ужива најголема доверба кај граѓаните на Република Македонија.

Денес, АРМ израсна во современа и модерна воена организација во чии редови се наоѓаат припадниците на сите етнички заедници и со сиот капацитет ќе продолжи да ги извршува задачите кои и се доделени со Уставот. Големите достигнувања и предизвици не обврзуваат и понатаму да се развиваме, изградуваме и да не отстапиме од патот кон Евроатланските интеграции, заради што денес како Армија сме рамноправен и посакуван партнер на НАТО.

Затоа, во годината кога се навршуваат 20 години од остварувањето на вековниот сон за создавање на сопствена Армија, сакаме јубилејот ,,20 години АРМ“ достојно да го одбележиме во тесна координација и со поддршка од граѓаните на Република Македонија. Чествувањето на Јубилејот ќе биде најдобра можност за оддавање признание на сите оние кои се заслужни за она што е достигнато во дводеценискиот развој на АРМ, но и да покажеме дека продолжуваме по истиот пат со цврсти чекори, под мотото ,,ЗАЕДНО, ЧЕСНО И ОДГОВОРНО“, во срцето на Република Македонија.

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail