ГОВОР на Н.Е., Зоран Јолевски, Министер за одбрана на Република Македонија на по повод „Денот на НАТО – 4. април“, 04. април 2016 година, Скопје

Почитуван потпретседател на Евро-Атланскиот Совет на Македонија, г-дин Исмет Рамадани,
Почитуван амбасадор на САД, г-дин Џес Бејли,
Почитуван амбасадор на Република Турција, г-дин  Омур Солендил,
Почитуван амбасадор на Република Полска, г-дин Јацек Мултановски,
Почитуван Шеф на Канцеларијата на НАТО во Република Македонија, морнарички капетан Румен Радев,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Особена чест и задоволство ми претставува да говорам по повод Денот на НАТО “4. април“, за современиот и идниот НАТО од перспектива на Република Македонија. Ова е значаен ден за сите земји членки и сите земји кандидати за членство во НАТО.

Почитувани дами и господа,

Пред повеќе од шест и пол децении се Вашингтонскиот договор се создаде Северно Атлантската Алијанса, која низ децениите овозможи силна трансатлантска поврзаност и ја промени визијата за мирот, безбедноста, стабилноста, демократијата и развојот на сите народи во Европа и пошироко во евро-атлантската област. Силната трансатлантска врска меѓу САД, Канада и европските демократски земји стана синоним за остварување на визијата на целовита и слобода Европа и Европа во долготраен мир. Во тој дух, НАТО даде и суштински придонес за постигнување на мирот, стабилизирање, сеопфатниот развој и интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во евро-атланстките структури.

НАТО како Алијанса на демократски вредности и заеднички интереси на земјите од Европа и Северна Америка постојано се менуваше и прилагодуваше кон заканите по безбедноста на евро-атлантската област и постојано ги зајакнуваше своите способности за одговор на заканите. На последниот самит на НАТО во Велс беше силно реафирмирана посветеноста на земјите членки за исполнување на клучните задачи на Алијансата. Мултидимензионалните закани по Велс, не стивнаа, туку напротив, се засилија и го проширија својот опсег. Бегалската и мигрантската криза уште еднаш потврди колку силно е поврзана безбедноста и стабилноста на Европа со Блискиот. Големиот бран на бегалци уште еднаш покажаа дека безбедноста на Југоисточна Европа е поврзана со европската вкупна безбедност и европската безбедност е поврзана со безбедноста на Југоисточна Европа.

Во изминатите неколку месеци тероризмот ја потресе Франција, Турција и Белгија при што настрадаа многу невини жртви. На ваквите терористички чинови потребен е брз и одлучен одговор од страна на земјите членки на НАТО. Солидарноста е клучна во овој момент.

Со ова Алијансата ја потврдува потврдува својата определба на вистински заштитник на безбедноста и слободата на своите земји членки и сојузници. Одговор на овие предизвици е и проширувањето на зоната на слободни демократии.

Почитувани пријатели,

Земјите од регионот, на членството на НАТО гледаат како на цивилизациска придобивка, поради тоа што со самото членство државата се вклучува во семејството на модерните, безбедните и стабилни држави во кои добро да се живее и инвестира. Впрочем, тоа е нешто кој сите влади сакаат да им го обезбедат на своите граѓани.

Убеден сум, дека на Самитот на НАТО во Варшава, земјите членки ќе изнајдат начин, високо на својата агенда да го стават и прашањето за проширување со нови земји членки. Пристапувањето на Црна Гора во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилноста на Регионот и зајакнување на неговата евро-атлантска перспектива. Активирање на МАП процесот за Босна и Херцеговина ќе биде силна поддршка, на нашите пријатели од Босна и Херцеговина, кои силно се борат за евроатлантска перспектива на оваа земја. И во оваа прилика сакам да истакнам дека Република Македонија останува силно посветена на евроатлантските интеграции.

Во изминативе две и половина децении, главен стратешки интерес на Република Македонија, за чија реализација постои најширок консензус во општеството, односно огромна поддршка од граѓаните и консензус на политичките партии е зачленувањето на НАТО. Република Македонија ги споделува и ги промовира истите вредности и интереси со земјите членки на Алијансата. Членството во НАТО ќе придонесе за натамошно јакнење на безбедноста и стабилноста, што позитивно ќе влијае и врз деловната клима, економски раст, развој и благосостојба на нашите граѓани.

Благодарение на нашата упорна работа и поддршката од НАТО и ЕУ, Република Македонија стана демократска држава со функционални демократски институции во која граѓаните живеат безбедно, слободно и во мир. Досега успешно комплетиравме 16 циклуси, а моментално го привршуваме и 17-тиот циклус.

Уште на самитот во Букурешт беше истакнато дека Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО. Но, не ја добивме поканата, а причините ви се познати. Меѓународниот суд на правдата донесе пресуда во која се укажува дека Грција го прекршила меѓународното право блокирајки ја Македонија и препорачува тоа да не се повтори. Се надевам дека Самитот во Баршава нашиот јужен сосед ќе ја почитува пресудата и препораката на највисокиот судски орган на Светската организација, Меѓународниот суд на правдата. Ние ќе останеме посветени на реформите бидејќи тие се потребни, пред се, за Република Македонија, за нејзините граѓани и нејзиниот просперитет. Демократијата, правната држава, пазарната економија, се основа за просперитетот на Република Македонија, не само за критериум за членство во НАТО. Реформите што ги правиме, ги правиме пред се за нас самите, а паралелно за влез во НАТО и Европската унија. Сигурен сум дека до демократски, фер и кредибилни избори на 5ти јуни ќе докажеме дека ги споделуваме овие вредности. Исто така ќе останеме посветени на разговорите под покровителство на Обединетите нации.

По 2008 година Република Македонија значајно го зголеми својот придонес во меѓународните мировни операции и регионалната соработка, а ги интензивираше и одбранбените реформи.

Во изминатите години активно учествувавме со околу 3 800 мировници во меѓународните мировни операции предводени од ООН, од НАТО и од ЕУ. Бевме дел од ИСАФ мисијата и моментално имаме свои мировници во мисијата „Одлучна поддршка“.

Исто така, АРМ секогаш обезбедувала, обезбедува и ќе обезбедува подршка на институциите во Република Македонија. Тоа најдобро се гледа од поддршката која Армијата и ја дава на полицијата во справувањето со мигрантската криза.

Почитувани присутни,

Дозволете ми на крај да се согласам дека НАТО од своето основање до денес се потврди како силен политички инструмент и клучен безбедносен промотор на спроведување на заеднички цивилизациски реформи. Реформи со кои се зајакнува општеството, реформи кои се значајни не само за Алијансата туку и пред се за земјите кои што сакаат да се приближат кон оваа Алијанса. Република Македонија смета дека припаѓа на овие Евроатлантски интеграции, ќе продолжиме со реформите, бидејки ние сме дел од тоа семејство. Друга алтернатива немаме.

Ви благодарам на вниманието.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail