ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ НА СВЕЧЕНОСТА ПО ПОВОД ПОЧЕТОКОТ НА ОБУКАТА ЗА 8. ГЕНЕРАЦИЈА НА КАДЕТИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ОБУКА НА ПИЛОТИ

Почитувани…

тука сме на почетокот на обуката за 8.та генерација на курсисти за пилоти во АРМ. Особено задоволство ми е што имаме 6 кандидати кои ги поминаа селективните курсеви за оваа генерација. Во неа од 80 пријавени кандидати, шестмина ја завршија селекцијата и ја започнуваат обуката за да станат пилоти во Армијата на Република Македонија. Тоа е многу значајно како за нив лично, така и за нас како Армија. Тие имаат можност да бидат образовани во еден од најсовремените центри за обука на пилоти во Европа, а сигурно најсовремен во овој дел од Европа. Има и голем број за заинтересирани пилоти од другите држави кои тука доаѓаат на дообука, да ги користат нашите симулатори. Пред нас имаме интересна група на млади луѓе, тројца од нив се од цивилните универзитети,  а тројца се наши питомци т.е. офицери кои завршија на Воената академија.

Во оваа прилика би сакал да апелирам да ја испратите оваа порака дека Центарот останува отворен, т.е. како што истакна и директорот на центарот Јаари Шрага, следниот конкурс завршува во септември и се надеваме дека ќе имаме доволно кандидати од кои ќе се изберат 6-8 кадети, идни пилоти. Селекцијата е ригорозна , меѓу најдобрите во Армијата на Република Македонија. Она што е ново од оваа школска година, е што на Воената академија започнуваме додипломско студирање на идни пилоти. Имено, досега питомците кои ја завршија Воената академија имаа право да се пријават на Конкурсот за Центарот за обука на пилоти, или, пак, млади луѓе со завршено цивилно високо образование да се пријават на овие конкурси. Сега има можност младите луѓе кои завршуваат средно образование да се пријават  и да поминат четири години на Воената академија од кои 3 семестри ќе се образуваат во овој Центар.

Им честитам и на вработените во Центарот за обука на пилоти за нивната несебична работа, на Воената академија за селекцијата, и на припадниците на АРМ, каде овие момци ќе бидат воени пилоти. Би сакал и да им го честитам почетокот на образованието на овие шест млади прекрасни луѓе.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail