ГОВОР НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ПОСТОЈАНОТО СЕДИШТЕ НА БАЛКАНСКИТЕ МЕДИЦИНСКИ НАМЕНСКИ СИЛИ ВО СКОПЈЕ, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 05.10.2016 година

Ми претставува огромно задоволство и особена чест што заедно денес присуствуваме на свеченото отворање на просториите во кои ќе биде сместен Главниот Штаб на Балканските Медицински Наменски Сили, со постојано седиште во Скопје.

Особено сум среќен за остварениот успех, кој е резултат на вложен труд и посветеност на земјите кои се вклучија со искрена желба да формираат вистински „проект на паметна одбрана“. Преку овој проект обезбедуваме мудро и ефикасно користење на расположливите ресурси. Земјите членки на Балканските медицински наменски сили ќе можат овие ресурси на координиран, брз и ефикасен начин да ги стават на располагање во подрачјата и операциите каде тие се потребни. Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Црна Гора и Македонија, и се надеваме и Албанија, која од почетокот беше дел од оваа иницијатива тесно ќе соработуваат, координираат со цел да обезбедат асистенција и придонес во надминувањето на предизвиците кои се јавуваат при елементарни непогоди, како и подготвеноста за иден придонес во глобалните предизвици и мировни мисии. Србија е првата држава која ќе биде „framework“ нација и ќе обезбеди соодветна инфраструктура во првите две години од функционирање на оваа регионална организација, за што ја користам оваа прилика да изразам благодарност.

Почнувајќи само како идеја во 2010 година, со напорната работа на работните тела на Балканските медицински наменски сили составени од претставници од шест балкански земји и силно поддржани од партнерските земји Соединетите Американски Држави и Кралството Норвешка, после шест години можеме да сведочиме на почетокот на една убава приказна.

Ја користам оваа прилика во името на Балканските Медицински Наменски Сили да упатам благодарност до Кралството Норвешка и Соединетите Американски Држави за несебичната поддршка.

Исто така, сакам да изразам посебна благодарност на експертите од овие шест балкански земји, САД и Норвешка за огромниот труд што го вложија во подготовка на документите неопходни за ставање во функција на Балканските медицински наменски сили.

Преку изградбата на регионални витални воено-медицински сили, согласно стандардите на НАТО, Европската Унија и Организацијата на обединетите нации, ќе се овозможи брза реакција во услови на ненадејни природни катастрофи во регионални рамки, како и можност за иден придонес во меѓународни операции.

Со сигурност можам да кажам дека Балканските медицински наменски сили претставуваат уникатен проект, не само во регионов, туку и многу пошироко. Неодамнешните природни непогоди во регионот, во кои имаше голем број на жртви и штите се доказ дека вакви и слични заеднички проекти се повеќе од потребни.

Овој проект се темели на принципите на соработка, разбирање, компромис, енергија и креативност. Сметам дека ова е само почеток и дека нема да застанеме тука, туку ќе се вложиме уште повеќе во насока на проширување, имплементација и реализација на нови идеи.

На крајот дозволете ми во името на Балканските медицински наменски сили и во мое лично име да ви се заблагодарам за вашето присуство и воедно за дадениот придонес во остварувањето, оваа идеја да стане реалност.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail