ГОВОР НА Н.Е. ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА по повод промоција на публикацијата, „Турско-македонските односи низ историјата“ Битола 13. Март2017 ГОДИНА

Почитувани,

Исполнетоста на салата и атмосферата, имајки тука претставници од Владата на Република Македонија, уставен судија, генерали во Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на Република Турција, претставници на Амбасадата на Република Турција во Република Македонија, голем број македонски граѓани и офицери под македонската и турската армија е доказ за пријателството меѓу нашите две земји.

Почнувајќи од 2010 година секоја година, традиционалнона 13 март, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија ги дочекуваат гостите од Министерството за одбрана и Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција. Овој настан е во спомен на денот кога во 1899 година тука во Битола, во оваа зграда на тогашната Идадија, средното воено образование го завршил големиот турски војсководач и државник,светскиот лидер Мустафа Ќемал – Ататурк.

Граѓаните на Република Македонија се горди што еден ваков голем војсководец и државник бил образован и живеел на овие простори.

Животот на Мустафа Ќемал во Македонија, како дел од Отоманската држава и неговото школување во Битола тогашен центар на вилает и конзулски град, беа повод 13 март заеднички да се прославува како ден на македонско-турско пријателство и соработка низ историјата.

Во 2010 година покрај заеднички чествувања на 13 март започнаи заеднички проект за издавање на публикација под наслов „Турско-македонските односи низ историјата“ која денес ја промовираме.На повеќе од 600 странициво два тома, на три јазика – македонски, турски и англиски јазик се содржани научни трудови на 14 универзитетски професори од Република Македонија и Република Турција. Оваа публикација е сведоштво за долговековните врски, пријателство и соработка меѓу македонскиот и турскиот народ и другите етнички и верски заедници кои со векови живееле и опстојувале заедно на овие простори.

Особено се значајни содржините во кои со силна емоција се зборува за Мустафа Ќемал-Ататурк. Тука би ја издвоил статијата „Мост на мирот меѓу Турција и Македонија: Турците во Македонија и селото на дедото на Ататурк- Коџаџик“. Посебно значајни сетемите за развојот  на македонскиот идентитет во времето на Османлиската држава, соработката меѓу муслиманите и христијаните, за османлиските реформски планови во Македонија, културното наследство во Република Македонија од овој период. Во ова дело се обработува и соработката од поновата историја помеѓу Република Македонија и Република Турција, од стекнувањето независност од 1991 година како и други позначајни теми.

Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите автори на научните трудови, на преведувачките и редакциските тимови од Центарот за стратегиски истражувања и воена историја при Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција иод Воениот музеј во состав на Министерството за одбрана на Република Македонија, за овој успешно реализиран повеќегодишен проект.

Овој проект е доказ дека како историјата може да ги спојува државите и народите, и вакви проекти ни се потребни овде на Балканот.

Нашата заедничка историја ни дава бројни светли примери на соработка и пријателство  кои се извонредна основа врз која денес се гради стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и Република Турција. Република Турција е земја која прва упати воено аташе во Република Македонија во 1994 година, прва потпиша Спогодба за соработка, прва прими офицери од Република Македонија на школување и прва помогна за опремување на Армијата на Република Македонија. Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ. Соработката во областа на одбраната денес најинтензивно се одвива преку воена обука и едукација, разгледување на можности за соработка во областа на наменската индустрија и модернизација на АРМ, како и други бројни заеднички активности како што е учеството на Република Македонија во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во рамките на турскиот контингент.

Учеството на македонски офицери во Командата во Кабул заедно со турските офицери во рамките на турскиот контингент, е најдобар доказ за квалитетот на соработката и односите меѓу двете армии.

Република Турција дава силна поддршка на Република Македонија од прогласувањето на незавиноста и на нејзиниот пат на трансформација во контрибутор кон глобалниот мир и безбедност и прерасунување во рамноправен партнер на НАТО. Република Турција во сите меѓународни комуникации го користи уставното име на Република Македонија и единствена држава е која дава забелешка во сите документи на НАТО дека ја признава Република Македонија под уставното име. Денес, односите меѓу Република Македонија и Република Турција треба да бидат пример како да се соработува и како да се влијае врз соработката во регионот и пошироко.

Како што знаете, приоритет на надворешната политика на Република Македонија е членство во НАТО и Европската Унија. Република Турција како членка на НАТО, од самиот почеток ни дава безрезервна и целосна поддршка за нашите аспирации да станеме членка на Алијансата. Само така Западен Балкан ќе биде побезбеден, посилен и соработката и понатаму ќе зајакне. Лидерството на Турција е многу значајно и благодариме за тоа лидерство.

На крајот дозволете ми да завршам со два цитати:

Македонскиот револуционер Јане Сандански кој бил личен пријател и соработник на Мустафа Ќемал-Ататурк во едно комплексно време за сите народи на Балканот ќе упати универзална порака дека „да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство“.

Оваа порака како и пораката на Големиот Ататурк „Мир Дома – Мир во Светот“ нека ни бидат водилка за зачувување на глобалниот мир и безбедност и зајакнување и усовршување на просперитетна иднина на народите и заедничкиот соживот во регионот и во светот.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail