Обраќање на министерот за одбрана, Зоран Јолевски по повод изложбата „Италијанската армија на Македонскиот фронт 1916 – 1918“ во Воениот музеј 22.11.2016 година, Скопје

Министерството за одбрана на Република Македонија со денешната изложба во Воениот музеј продолжува со одбележување на 100 години од Првата светска војна како потсетник на сите воени ужаси и страдања на човештвото и со испраќање на пораки за мир, соживот и изградба на просперитетен свет за идните поколенија.

Територијата на Република Македонија и македонскиот народ и населението без оглед на етничката и верска припадност со сета жестокост беа зафатени со ужасите што ги носел со себе светскиот воен судир уште од самото избувнување на војната во септември 1914 година, па се до нејзиното завршување во ноември 1918 година. Заедно со Македонците и другите нации на територија на Република Македонија во Првата светска војна на Македонскиот фронт од 1916 година војуваа и гинеа и Италијанците. Покрај повеќе од 15.000 загинати Македонци во Првата светска војна во борбите на Македонскиот фронт загинаа околу 5.000 Италијанци и повеќе од 10.000 ранети војници. Во Првата светска војна на сите фронтови загинаа близу 10 милиони луѓе, а двојно повеќе беа ранети.

Со изложбата „Италијанската армија на Македонскиот фронт 1916-1918 година“ пред македонската јавност го презентираме музејскиот материјал кој Министерството за одбрана го добива како донација од Амбасадата на Италија во Скопје. Досега необјавените музејски и военоисториски материјали за учеството на Италијанската армија на Македонскиот фронт во Првата светска војна претставуваат изворен материјал кој е прв од таков вид кој воопшто некоја од земјите учеснички во борбите на Македонскиот фронт на територија на Република Македонија во Првата светска војна официјално го споделила со институциите од Република Македонија. Оригиналните фотографии и карти на позициите на Македонскиот фронт кои денес се пред нас се снимени од Италијанската армија во текот на Првата светска војна и можат да се употребат за лоцирање на рововските линии и сообраќајници како и други воени објекти со цел чистење од неексплодирани убојни средства, но и заради најавтентично уредување на културно-историски содржини и туристички патеки  за военоисториското културно наследство на Република Македонија.

Историјата не учи дека во клучните моменти на решавање на воените исходи и премрежија нашата територија и нашите луѓе дадоа големи човечки и материјални жртви, но и придонес за завршување на Првата светска војна и мир во светот.

Во современи услови, Република Македонија како аспирант за членство во НАТО и Европската унија силно се залага народите и државите да се спојуваат околу идеите за прогресот во областа на демократијата, во почитувањето на човековите права и закони, во почитувањето на културните разлики, во идеите и соработка за економски раст и унапредување на севкупните односи за подобар живот на сите народи и држави во светот.

Изразувам особена благодарност до Н.Е. Карло Ромео, Амбасадорот на Италија во Скопје на дадената донација на овој уникатен музејски материјал и на сите вам ценети гости Ви благодарам што дојдовте на денешната изложба.

Оваа изложба ја потврдува одличната соработка и билатералните односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Морам да истакнам, дека билатералната соработка во сите сфери е на мошне високо ниво, а особено во областа на одбраната. Во овој момент ние имаме офицер кој е заедно со италијанската армија во мировната мисија на ОН во Либан и се надеваме дека во текот на наредната година ќе имаме поголем број припадници на Армијата на Република Македонија во мировните операции на Обединетите нации заедно со италијанскиот контингент.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail