Поздравно обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод 18 Август Денот на АРМ

Почитувани!

Привилегија и задоволство е да бидам денес овде, пред вас, во чест на 25 годишнината на Армијата на Република Македонија. Мал јубилеј за светот, огромен за нас и нашата држава.

Дами и господа, оние кои ги носат униформите на Армијата на Република Македонија, оние кои нашата безбедност ја превземаат како нивна одговорност, оние кои по службена должност и нивните животи се подготовени да ги ризикуваат за нашите вредности,  токму на нив како министерка за одбрана и како граѓанин, им оддавам почит и им искажувам искрена благодарност.

Грижата раѓа храбост – кажал еден источен филозоф. Мора да важи и обратното: храброста на нашата војска ја заслужува нашата грижа.

Армијата е тука кога ни е најтешко, во првите редови во заштита на граѓаните и одржувањето на безбедноста и мирот. Во екот на мигранскиот бран Армијата на Република Македонија се вклучи во обезбедувањето на нашата јужна граница  и нашите војницисе уште се таму. Во најтешките денови по ланските поплави 580 војници одговорија на крикот за помош на граѓаните. Кога пожарите летово се проширија низ државата, Армијата повторно прва дојде напомош. Со хелихоптери кои значеа спас за повеќе села и бројни семејства. Со посади кои две недели не знаеа за одмор, во ризични и напорни акции. Со дополнителни шеесет припадници на вооружените копнени сили кои секојдневно се бореа со пожарите ставајќи ја добросостојбата на своите сограѓани пред својата.

Оваа непоколеблива посветеност и жртва заслужува да се вреднува. Превземам обврска – сите војници и старешни кои учествуваа во гаснењето на пожарите ќе бидат и парично наградени. Храброста не се плаќа со пари, но и грижата не смее да останува само на зборови. Храброста и херојскиот напор на нашите војници не смеат да поминат без признание.

Денес овде сме собрани од истата причина: да им одадеме признание на припадниците на АРМ и МО кои се истакнале во својата служба. Еден дел го добиваат тоа признание овде, дел во своите касарни и со своите први колеги. Најголем дел од вас денес ќе примат унапредувања и благодарници – искрено ви честитам на сиот труд и искуство со кое сте ги заслужиле.

Но, не сакам денес да бидам само формална. Сакам да го искористам овој чин за да ве повикам сите вас, сите припадници на АРМ и МО заедно да ја сработиме нашата заедничка визија: Македонија членка на НАТО, сигурна и просперитетна, со Армија со која се гордее, но и на која и возвраќа.

Немам дилеми дека оваа визија не држи обединети. Но, визијата без конкретни планови, јасни чекори е само сон и создава разочарувања.

Македонија неколку години доцни со стратешките одбранбени документи чија задача е токму тоа: да дефинираат конкретни чекори, со конкретни датуми и обврски.

За да ги постигнеме овие цели, ни треба дисциплина и конзистентност. Ни треба лидерството на секој од Вас.

Некои од вас ќе работат на тие стратешки документи. Ќе треба да го надоместат изгубеното време. Некои ќе се посветат на дневното функционирање на Армијата и МО. Се обврзувам дека ќе помогнам да го подобриме, почнувајќи од елементарните услови за работа, обука и функционирање. Некои ќе продолжат со јакнење на големата доверба кај меѓународните партнери, со беспрекорните резултати покажани на тешки операции и мисии низ светот.

Стабилна Македонија, безбедна Македонија, Македонија како полноправен член на НАТО сојузот е огромен чекор напред за развојот и просперитетот нашата држава, но и на целиот регион. Само заедно можеме да ги совладаме предизвиците и заканите кон вредностите во кои веруваме.

Ви благодариме за службата досега. Заедно можеме и повеќе.

Да живее Армијата на Република Македонија

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail