ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕТО НА ФУНКЦИЈАТА КОМАНДАНТ НА ПОЛКОТ ЗА СПЕЦИЈАЛНИ ОПЕРАЦИИ

Можеби најинспиративниот, најмотивирачкиот дел од мојата работа како министер за одбрана на Република Македонија е кога ја гледам посветеноста, енергијата, способноста и знаењето на припадниците на Армијата на Република Македонија во ваква и во многу други пригоди. Свесна сум дека вашата подготвеност и вашите резултати се оние кои што ја прават нашата држава Република Македонија, сигурна, безбедна и просперитетна.

Но, свесна сум дека и вашата работа и вашите резултати зависат од условите во кои што работите и од условите во кои што живеете, од условите кои што и се понудени на Армијата на Република Македонија.

И не случајно еден од приоритетите на Владата на Република Македонија за оваа годна беше да ги подобри условите за работа, условите за функционирање на Армијата на Република Македонија, не само со зголемување на буџетот во одбраната, не само со зголемување на платите на целокупниот воен состав на нашата држава. Навистина ми е задоволство што можам да соопштам дека после долги години во тек се набавките на 14.000 униформи за сите припадници на АРМ, во тек е набавката на нови чизми за секој припадник на Армијата на Република Македонија, а веќе започнаа и постапките за реновирање на еден дел од објектите токму во касарната „Илинден“. Меѓутоа целта наша не е само да ги промениме условите, туку исто така да создадеме и систем во кој што вашето знаење, вашата посветеност, вашата експертиза најмногу ќе дојдат до израз.

И тоа беше една од причините зошто после неколку години, сериозно се зафативме со работа на новиот Стратешки одбранбен преглед. Работиме на документ кој што има една и единствена цел, а тоа се развој на нови способности и капацитети.

Граѓаните, државата, Министерството и Генералштабот на Армијата инвестираа многу во вас, во вашите знаења и вашите вештини. Нашата цел и намера е сите овие капацитети да ги ставиме во служба на граѓаните на државата, во служба на Република Македонија.

Нашата цел со Стратешкиот одбранбен преглед е секој капацитет кој го поседуваме, а најголем капацитет сте вие, да го искористиме за нашата армија да биде поефикасна, подобро опремена, подобро организирана, трансформација која ќе донесе позитивни резултати и за Армијата, и за нејзините припадници, но и за Република Македонија.

Вчера претседателот на Владата на Република Македонија имаше средба со францускиот претседател. Денеска во посета на нашата држава доаѓа британската премиерка. Во текот на овие три дена премиерот и нашата делегација ќе имаат средби со седум премиери и претседатели на држави членки на ЕУ и НАТО и голем број на други делегации.

Ова покажува дека кога Македонија се менува на подобро, тогаш и светот ја забележува таа промена. Кога Македонија се менува на подобро, се менува на подобро и односот на светот, на ЕУ и на НАТО кон неа. Меѓутоа ако постои еден стандарден израз кој што секој од тие државници го употребуваат кога се зборува за Македонија, тоа се изразите на благодарност и пофалби за учеството на припадниците на АРМ на вежби и мисии надвор од нејзините граници. Вие сте секогаш посакуван партнер на припадниците на Армиите на земјите-членки на Алијансата и тоа во континуитет го слушаме на сите средби со премиери, министри за одбрана, началници на генералштаб. Од почетокот на 2018 година го зголемиме нашето учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан за 20 %. Со тоа ја покажеме напаста определба на дело да ја поддржиме алијансата во напорите за воспоставување на глобален мир и безбедност. Со овој чекор уште еднаш потврдуваме дека Македонија го заслужи своето членство во НАТО. Сакам да ви се заблагодарам на сите вас кои досега сте учествувале во овие мисии за големиот воен, но и политички придонес кој го давате на својата татковина. Сакам да ја изразам и мојата желба и интерес особено вие  припадниците на специјалните сили уште повеќе шанси да добивате и во иднина.

Вие сте исто така и нашиот мост кон соседите и билатерално кон различните сојузници. Веќе утре во Бугарија ќе присуствувам на Денот на високите гости на билатералната вежба на специјалци од Армиите на Република Македонија и Република Бугарија. Такви заеднички вежби, блиската соработка со армии на земји-членки на НАТО, ни помагаат во нашите заложби и процесот на реформи и развој, но и покажуваат дека стоите рамо до рамо со вашите колеги од НАТО и покажувате знаење,  вештини, моќ, одлучност и мотивираност како сите припадници на Армиите на членките на Алијансата.

За да еден брод успешно плови и во мирни , но и во тешки времиња, клучно е него да го водат искусни лидери. И затоа, задоволство ми е што денеска и во име на владата и во име на Министерството и во име на сите вас да се заблагодарам на генералот Јордев за целокупната досегашна служба и посветеност во раководењето со оваа важна единица во состав на АРМ и да изразам дека сум сигурна дека со тоа темпо ќе продолжи да работи на новата позиција како началник на штаб во ЗОК.

Сакам да ја искористам оваа прилика и да му честитам и на генералот Хаџи-Јанев кој што потекнува од Полкот за специјални операции. Генерале Хаџи-Јанев, вие веќе бевте дел од специјалните единици, бевте заменик-командант на Баталјонот за специјални намени и потребите на овие специјални сили со специјално големо значење на армијата ви  се добро познати. Убедена сум дека со вашето војничко искуство, портфолио, знаење од повеќе позиции во Армијата, ќе го продолжите курсот по кој се движат специјалните сили и ќе ги надградите и со знаење и со искуство и со посветеност.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

силата не е во поединецот, туку во тимот. Новиот Стратешки одбранбен преглед го работиме паралелно со зајакнување на капацитетите на нашите тимови и сакам да најавам дека посебно внимание посветуваме на зголемување на капацитетите токму во делот на специјалните сили и со практични чекори кои ќе следат во следните денови.

Сакам да ве повикам заедно да го дадеме својот максимум да бидеме постојано посветени на нашиот план, на вашиот развој  и да направиме се нашата Армија да продолжи да биде гарант за сигурноста и безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

Заедно со одлучно лидерство со јасни дефинирани чекори напред можеме да се носиме со сите предизвици и да ги постигнеме нашите заеднички цели. На тој начин ќе имаме подобра Армија, на тој начин ќе имаме позадоволни припадници на Армијата, на тој начин ќе имаме држава која нема да се плаши ниту за својата безбедност, ниту за својот напредок.

Да живее Армијата на Република Македонија

Да живее Република Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail