Обраќање на НГШ на АРМ на свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на пСО

Почитуван господине заменик министер,
Господа генерали,
Почитувни претставници на воено дипломатски кор
Припадници на полкот за специјални операции,
Претставници на медиумите,
Драги гости,

Ми претставува особена чест и задоволство што  како Началник на Генералштабот имам можност со предавањето на знамето, да ја крунисам свечената церемонија на примопредавање на должноста командант на полкот за специјални операции.
Чинот на примопредавањето на командантската должност, не само за вас во стројот, туку и за сите нас, денес претставува празник.
Во прилог на ваквата констатација доволно зборуваат фактите за дваесетгодишниот развој на полкот за специјални операции, кој како единица од нејзиното формирање, постигнува врвни резултати, единица во која Армијата на Република Македонија ја започна професионализацијата и каде воедно се поставени и темелите на модерниот војник.
Врвната обученост, професионализмот, исклучителната посветеност и високите резултати во континуитет,учеството во борбени операции ве вивнаа на пиедесталот на најдобрите, заради што со вас се гордеат подеднакво и припадниците на АРМ и граѓаните на Република Македонија.

Почитувани,
Долгогодишното беспрекорно извршување на задачите, високите критериуми за селекција, напорната и сложена обука, како и напорното градење на култот и традицијата на специјалните единици на АРМ како и нивната препознатливост, пред се по успешноста, е доволна причина да се гледа со висока почит кон  нив. Но пред се, ова се императиви кои мора да го следат оној кој е на чело на оваа единица, а тоа е командантот.
Во годината кога го прославуваме Јубилејот ,,20 години АРМ“, полкот за специјални операции го добива четвртиот командант од неговото формирање, со кого како и во минатото, ќе чекори смело кон исполнувањето на сите предизвици, мисии и задачи кои ќе бидат поставени пред него.
Користам прилика на досегашниот командант, полковникот Зоран Додевски да му оддадам признание за покажаното лидерство, умешноста во командувањето и пренесувањето на искуството на помладите. Секако дека со вложувањето на личниот професионален ангажман, денес тој претставува дел од историјата на оваа единица, оставајќи белег во нејзиниот развој.
Да се биде на чело на надалеку прославените македонски ,,волци“ и ,,ренџери“ кои поседуваа борбено искуство стекнато во разни мисии за секој командант претставува огромна обврска да се остане доследен во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото ,,повеќе од можното“ кое го краси полкот за специјални операции. Затоа, во овие моменти исполнети со силни чувства на новиот командант, полковникот Павле Арсоски, пред се му посакувам да продолжи по патот на успехот и перманентното издигнување на рејтингот на единицата со која тој ќе командува.
Полковник Арсовски Ви ја честитам должноста и ви посакувм успешно да командувате и да ја водите единицата но и секогаш да имате предвид дека Република Македонија и Армијата на Република Македонија  секогаш ќе се гордеат со овие храбри момчиња, мајстори на својата професија, кои многупати гордо го вееја македонското сонце афирмирајќи ја далеку од нејзините граници, како нејзини амбасадори      на мирот.

Да живее Република Македонија!
Да живее  Армијата на Република Македонија!

Благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail