ОБРАЌАЊЕ НА НГШ НА АРМ ЗА СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА пСО

Почитуван господин заменик министер,
Господа генерали,
Почитуван господин државен секретар,
Претставници на воено-дипломатскиот кор во
Република Македонија
Припадници на полкот за специјални операции,
Драги гости и претставници на медиумите,
Дами и господа,

Денес, на сите нас ни претставува особена чест и задоволство празнувањето на Денот на полкот за специјални операции, единица која од нејзиното формирање, деветнаесет години постојано постигнува високи резултати и успеси.

Чекорејќи смело кон исполнувањето на сите предизвици, мисии и задачи, дадовте силен белег во професионализацијата на АРМ, при што изградивте традиција и култ на единицата, достојни за почит. Воспоставените високи стандарди во обуката и бројните успеси на вежбите и мисиите, го одбележаа развојот на специјалните единици не само во АРМ, туку и пошироко, за што доволно говори големиот респект кој го уживате во Република Македонија и на меѓународен план.

Во оваа прилика, сакам да ви оддадам признание за огромниот придонес во изградбата на модерен систем за обука на Армијата, но и на нејзините капацитети за борба против глобалниот тероризам, заради што водени од мотото ,,секогаш и секаде први“ ќе бидете забележани во историјата на АРМ.

За време на петиполгодишното учество во мисијата ,,Слобода за Ирак“ во Ирак и во наменските сили ,,Феникс“ во мисијата ,,ИСАФ“ во Авганистан, припадниците на полкот за специјални операции имаа прилика во реални и крајно сложени услови да ги применат стекнатите знаења и вештини. Најдобар доказ за тоа се високите оценки и големиот број на одликувања и признанија добиени од страна на нашите партнери, но и од останатите земји членки на НАТО. Со ова вие и во пракса покажавте дека не само што ги достигнавте стандардите на НАТО, туку и ги надминавте.

Чувството на задоволство од постигнатите успеси на полкот за специјални операции, како елитна единица на АРМ не го криеме, но во исто време ова за сите вас претставува голема обврска да останете доследни во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото ,,повеќе од можното“, кое сум убеден дека и понатаму ќе ве води во нови и поголеми успеси.

Припадниците на АРМ се особено горди на вас, затоа што ве краси докажаната храброст и хуманост, подготвеноста за извршување на најсложени задачи, но и тоа што секогаш сте биле тука и да им помогнете на граѓаните на Република Македонија. Верувам дека ова чувство и мислење со нас го споделуваат и граѓаните на нашата земја, кои знаат да ги ценат вашите успеси, поради кои засекогаш ќе останете господари на својата професија и гордост на нашата Армија.

Како и во изминативе деветнаесет години и во иднина ќе веруваме во вас и ќе ве поддржуваме. Сте биле, сте и убеден сум дека ќе бидете најдобро обучените припадници на АРМ, кои најпрофесионално ги извршуваат задачите во мир и во војна.

Почитувани припадници на полкот, свесен сум дека денес не живеете изолирани во ,,стаклено ѕвоно“, туку во демократско општество со ризици и предизвици, кое го градиме сите заедно. Затоа, во однос на сите актуелни случувања во земјата, регионот и пошироко, од вас барам секогаш првенствено да се водите од интересите на нашата држава и интересите на нашите граѓани и Армијата на Република Македонија.

Во оваа прилика сакам да им порачам на сите припадници на АРМ дека и во овие бурни времиња исполнети со економски и политички предизвици, Армијата е еден од темелите на нашата држава, но и основен столб на нејзината одбрана и безбедност. Во цврстината на овој темел, никој да не се сомнева, но не смее ни да се поткопува, бидејќи тој е поткрепен не само со обученоста и лојалноста, туку и со професионалноста и огромната доверба која АРМ ја ужива кај граѓаните на Република Македонија.
На крајот, на сите вас, припадници на полкот за специјални операции, ви го честитам денот на единицата, со искрени желби за постигнување на нови успеси во задачите и предизвиците кои стојат пред вас.

Да живее Република Македонија!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail