ГОВОР НА МО РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА ИСПРАЌАЊЕ НА КОНТИНГЕНТ НА АРМ НА ВЕЖБАТА „SABER GUARDIAN 2017“

Почитувани,

Чест и задоволство ми е што сум денес овде, во Касарната Илинден, на денот на испраќањето на припадниците на Армијата на Република Македонија на вежбата „Saber Guardian 17“.

Се работи се вежбовна активност од големи размери, настан која инволвира повеќе од 25.000 припадници на вооружените сили од 20-тина земји членки на НАТО и земји партнери како што е и Македонија, и е најголема вежба во Црноморскиот регион.

Армијата на Република Македонија, со поддршка на Командата на копнените сили на САД за Европа, на Saber Guardian 17 ќе земе учество со 8 припадници на инжинерискиот баталјон, 40 припадници на баталјонот на Воената полиција, 14 припадници на баталјонот за Специјални намени и 9 припадници на Балканските медицински наменски сили.

Saber Guardian 17 е одлична можност за извежбување на вооружените сили на земјите учеснички вклучително и Македонија во смисла на зајакнување на подготвеноста и подобрување на интероперабилноста и капацитетот за соработка под заедничка команда, извршувајќи целосен спектар на воени мисии, а во насока на поддршка на безбедноста и стабилноста на Црноморскиот регион.

Оваа вежба ќе се одвива на териториите на Романија, Унгарија и Бугарија и истата ќе биде демонстрација на здружените и заеднички способности на сојузниците и партнерите за одбрана на безбедноста на Регионот.

На средината на овој месец јас ќе имам можност да отпатувам во Романија да ги посетам нашите војници и нашите сили, кои заедно со своите колеги од партнерските земји го манифестираат високото ниво на воен професионализам, за што редовно добиваат високи оценки.

Вежбата ќе се одвива во периодот од 8-22 јули, а по нејзиното завршување, сквадрон од околу 300 припадници на армијата на САД во Европа, со преку 100 инжинериски возила и опрема од Романија, преку Бугарија ќе се упати кон Република Македонија каде од 28 јули до 8 август, заедно со стотина припадници на АРМ од разни родови, ќе изведе вежбовна активност „Dragoon Guardian“ на нашиот Армиски полигон „Криволак“.

Нас, во Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија особено нè радува фактот што една армија со исклучително високи критериуми како што е армијата на САД, го одбра токму Армискиот полигон Криволак за изведување на оваа вежбовна активност бидејќи веќе извесен период се трудиме да го промовираме овој наш капацитет и во регионални рамки, но и пошироко.

Почитувани припадници на АРМ,
Особено сме горди на нашите единици кои, рамо до рамо, учествуваат на вежбовни активности со нашите партнери САД и другите земји членки на НАТО.

Фактот што на АРМ и` се доверуваат најкомплексни задачи говори за нивото на професионалност, подготвеност и високиот ентузијазам на нашите војници.

Минатата недела бев нa состанокот на министри на одбрана на земјите – членки на НАТО и земјите кои учествуваат во НАТО мисијата во Авганистан. имав куса прилика веднаш по состанокот да разговарам накусо со американскиот секретар за одбрана, господинот Матис. Во нашиот разговор учествуваше и американскиот постојан претставник во НАТО, господинот Литценбергер, кој на тема Македонија и членството во НАТО, ги испрати зборовите кои денес сакам да ги повторам. Рече, повеќе време поминав во Авганистан, сакам и во моe име и во име на САД, да се заблагодарам на македонските војници кои го чуваа и нашиот мир и безбедност, ја чуваа и безбедноста на оваа важна мисија. Ваквите информации, ваквите изјави покажуваат колку е важно нашето учество во овие мисии и колку е важен вашиот ангажман во ширење на светскиот мир и безбедност и во промоцијата на Република Македонија и нејзините вооружени сили.

Сакам во мое име и во името на граѓаните на Република Македонија да се заблагодарам на сите оние кои жртвувајќи го својот живот работат во интересот на нашата татковина.

Уверена сум дека заедничките вежби и обуки најмногу придонесуваат кон градењето на доверба и партнерски релации, но во исто време, придонесуваат и да ги подобриме нашите одбранбени капацитети и да ја подобриме нашата способност да дејствуваме во различни ситуации од безбедносна природа.

Почитувани припадници на АРМ,
Ви посакувам среќен пат, успешна вежба и беспрекорно извршување на доверените задачи, како и досега.

Граѓаните на Република Македонија веруваат во вас и знаат дека ќе ја презентирате нашата татковина на најдобриот можен начин.

Да живее Република Македонија!
Да живее Армијата на Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail