ОБРАЌАЊЕ НА МО РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ДОЛЖНОСТА МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА 01.06.2017

Почитуван, г-дин Јолевски,
Дозволете во име на сите да се заблагодарам на Вашата служба во Армијата, во Министерството за одбрана,
Почитувани членови на Генералштабот,
Почитувани вработени во Министерството за одбрана,
почитувани гости и претставници на медиумите,

Благодарна сум за укажаната доверба и за можноста во оваа област важна за нашата држава, да го вложам сето свое знаење, труд и искуство, за да можам пред вас и пред македонската јавност како министерка за одбрана да се обврзам дека ќе се посветам на зајакнување на меѓународниот углед и позиција на нашата држава на нејзината консезуално декларирана стратешка цел за членство во НАТО и дека ќе се обврзам на неопходните реформи кои ќе ја зголемат нашата безбедност, кои ќе гарантираат професионална и ефикасна Армија.

Република Македонија беше иницијатор и лидер на Јадранската група. Денес е единствената држава од таа група која за жал сè уште не е членка на НАТО.

Реформските активности во НАТО контекст, од таа и многу други причини забавија. Дури покажаа и знаци на регрес и тоа заедно ќе мора да го промениме.

Одбраната на земјата, нејзината Армија, повеќе години од различни причини е со помали буџети. Модернизацијата започна дури неодамна. Беа видливи различни притисоци и во поглед на нашата безбедност и во поглед на новите ризици со кои се соочува модерниот свет, меѓутоа и силни притисоци за партизација и намалена мотивација кај професионалците во секторот. Тоа заедно ќе го промениме.

Македонија ќе има мала професионална Армија која ќе биде гордост на својата земја, но и во која ќе биде гордост да се учествува.

Враќање на процесот на НАТО интеграцијата, во врвот на приоритетите на Република Македонија, ќе значи многу поотворен, многу потранспарентен систем на менаџирање со персоналот и во Армијата и во Министерството за одбрана. Поголема професионализација, департизација и движење во кариера, за припадниците на Армијата кое ќе биде базирано на суштински, а не фиктивни стандарди.

Тоа, исто така, ќе значи многу поголема предвидливост во вашите кариери и во кариерите на сите кои работат во овој клучен сектор за безбедноста и иднината на нашата држава.

Се обврзувам на максимална транспарентност и чесност и истото ќе го барам од сите. Тоа ќе го покажеме заедно секојдневно, во поддршка на реформите, во односот со јавноста, во односот со медиумите и во односот кон сите вработени во овој сектор. Ќе го покажеме тоа и кон нашите главни амбасадори во одбраната, припадниците на македонските мировни мисии во странство, кои не смеат да бидат поле ниту на манипулации, ниту на притисоци од било каков вид.

Ако нешто научив во животот, а за тоа зборуваше и господинот Јолевски, тоа е дека чесните професионалци ги прават институциите силни и ефикасни. Чесни професионалци, поставени на вистински места. Сакам да ги уверам сите дека тоа ќе биде мојата политика од првиот ден натаму. Тоа ќе биде мојата задача и мојата обврска сè додека ја извршувам оваа важна функција. Да обезбедам сите кои ја чуваат оваа земја, сите кои под нејзиното знаме се борат за неа, сите кои го жртвуваат и својот живот за Македонија и за нејзината иднина, тоа да го прават со достоинството кое им припаѓа, достоинство кое му припаѓа на секоја важна воена служба, со дигнитет кој им припаѓа на припадниците на Армијата на Република Македонија. Со високо крената глава и сигурност дека тоа нивната земја ќе го цени. Тешко е да се биде со крената глава кога џебот е празен, тешко е кога униформата е искината и чизмите стари. За тоа сум свесна и затоа сакам да ви кажам дека од прв ден ќе се посветам на подигнување на стандардите и на условите во кои што работат и функционираат сите припадници на Армијата и Министерството за одбрана.

Ќе работам да обезбедам државата да биде чесна кон припадниците на својата Армија и Министерството за одбрана, така како што и тие се чесни кон неа. Да ги исплаќа навреме своите финансиски обврски кон нив. Нема да биде лесно и нема да се случи преку ноќ, меѓутоа мора да почнеме.

Ве уверувам дека целосно ќе се посветам на подигнување на овој стандард и животен и работен, на припадниците на АРМ и МО, бидејќи држава која не мисли на своите бранители, не мисли ниту на себе и на својата иднина. Мојата работна кариера ја почнував и како асистент на Воената академија во Скопје и точно се сеќавам на зборовите кои беа напишани на ѕидот, „Чест – Служба – Татковина“.

Функцијата министерка за одбрана која ја добивам е голема чест за да заедно со вас и служам на татковината. Ќе го вложам сето свое знаење и искуство заедно со реформираните одбранбени сили и структури, заедно со Армијата, заедно со сите вас во МО да ја гарантираме унитарноста и безбедноста на државата, да ја гарантираме нејзината сигурна иднина и сето ова да биде потврдено со исполнување на големата цел – Република Македонија, членка на НАТО алијансата.

Ве повикувам да и служиме на Македонија, заедно, обединети токму во оваа заедничка цел и посилни токму поради ова заедништво.

Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail