ОБРАЌАЊЕ НА МО ШЕКЕРИНСКА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА 1. МПБР Касарна „Страшо Пинџур“ Петровец 02.04.2018

Почитувани припадници на Првата механизирана пешадиска бригада,

Денеска, тука, во вашиот дом имам чест да ви посакам успешна годишница, да го честитам Денот на бригадата, односно денот кога командата и штабот на бригадата во 2012 година беа преместени во гарнизонот Петровец.

Вие, припадниците на Првата механизирана пешадиска бригада сте сржта, срцевината на Армијата на Република Македонија. По многу нешта сте причината за високата доверба на сите граѓани на Република Македонија во својата Армија. Имиџот на Армијата која секогаш и секаде е во помош на нашите граѓани се изгради преку вашата несебична и целосна поддршка на граѓаните на Стајковци и околината, тогаш кога тие и цело Скопје се соочија со последиците од поплавите. Најголемиот број од припадниците на Армијата ангажирани на нашата јужна граница при мигрантската криза беа и се војници, подофицери и офицери од вашите редови. Мостот во тетовско Порој, го направи Инженериската единица во вашиот состав. За само 12 дена вашите и наши инженерци го направија мостот кој беше од суштинска важност за граѓаните на тој регион. Ова се само некои од многуте примери за тоа како една Армија треба да им помага на своите граѓани. Вие на дело многу пати досега ја покажавте вашата професионалност, издржливост, вашата мотивираност да помогнете на својата татковина и на своите граѓани, да го одржите мирот и безбедноста кои на сите ни се најважни.

Македонија е мултиетничка држава. Тоа е нашата предности и нашата сила. Меѓу вас има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци и вие сите заедно функционирате беспрекорно. Вие сте пример за тоа како нашата земја треба и може да живее и да работи. Меѓу вас има доминантно мажи но и жени. Една началничка на секција, две командирки. Тоа ве прави предводник и на родовата еднаквост и родовата перспектива во Армијата на Република Македонија. Ова е уште еден доказ дека Армијата е дом и на мажите и на жените, дом во кој придонесуваат сите без разлика на полот и етничката припадност.

Има многу примери зашто вие сте предводник во Армијата на Република Македонија. Првата професионализација на Армијата во поголем состав беше токму во рамките на Првата механизирана пешадиска бригада, како наследник на Првата и на Втората кои постоеја одделно до 2012 година.

За вашите успеси не зборуваме само дома и само ние. Најголем дел од декларираните единици се пополнети од вашите редови од Првата бригада. И при последното реоцнување на декларираната Средна пешадиска баталјонска група во октомври минатата година, вие покажавте сè што знаевте и умеевте и ги добивте највисоките оценки, по НАТО стандарди! Овие декларирани единици се однесуваат и на Борбените групи на Европската Унија, но и на Бригадата на Југоисточна Европа, каде повторно најголемиот дел од вашите редови го пополнуваат составот.

Учествувавте на голем број меѓународни вежби. Работевте заедно со колегите од НАТО и во рамките на Dragoon Guardian овде во Македонија, на Saber Gardian, на Anaconda 16 и многу други вежби кои веќе беа споменати. Сите пофални зборови од прикажаното на овие големи вежби се однесуваа токму на вас. На вашите вештини и на вашите знаења. На вашата професионалност и мотивираност. Истите тие пофални зборови се пресликуваат и на најголемите домашни вежби како Македонски блесок каде вие сте основата и столбот на самото вежбање.

За сето ова што вие го претставувате, за сите ваши залагања бидете сигурни дека ја имате сета моја благодарност, но благодарноста на целата Влада. И не само тоа. Ја имате и нашата поддршка, и нашите заложби да направиме сè што е во наша моќ за да ги подобриме условите за работа и живот.

Пред извесно време најавивме дека Владата донесе одлука за зголемување на платите на сите оние кои што се во служба на Армијата,. Свесна бев и тогаш, како што се сеќавам и денес дека во Армијата постоеше и голем сомнеж, а д а признаам и многу шпекулации дека ќе добиете покажување,но ќе ги изгубите правата на закупнина. Дека повторно во џебот на сите оние кои работат во служба на Армијата, парите ќе бидат исти. Сакавме како Влада да покажеме дека зборот е збор и дека ќе се бориме за вас исто како што вие се борите за Македонија. и сакам да најавам дека тука како Влада и јас како министер нема да запреме. Наша единствена цел ќе биде со секоја мерка да ги подобриме вашите услови за работа.

Го зголемивме буџетот на одбраната за 15 проценти и тоа е само првиот чекор кој пто веќе во 2019 ќе биде дополнително засилен со 0.2 процентни поени од БДП. Веќе имаме завршено реконструкција на кровните конструкции на повеќе објекти на Армијата, меѓу кои и на еден објект тука во касарната „Страшо Пинџур“. Обезбедивме средства за основната опрема која со мудро планирање и постојана инвестиција во иднина нема да биде проблем во Армијата. Сакам да најавам дека во следните 10тина дена и официјално ќе започне постапката за набавка на униформи за буквално секој припадник на Армијата со кој што ќе се реши овој веќе повеќегодишен срамен проблем. Сакам да ви најавам дека во тек се разговори кои што ќе ги дефинираат реформите во одбраната во следните години. И сакам да ви кажам дека овие реформи се неопходни, овие реформи се потребни, овие реформи се прават за да армијата функционира подобро, а за да вашата работа повеќе се цени. И затоа сакам и овде во чест на вашиот јубилеј да кажам дека овие реформи ќе ги водиме со голема цел пред нас – да добиеме посилна, подобра, пофункционална, поефикасна армија, но и да ви кажам како министерка дека гарантирам дека вашите права, можностите за напредување, можностите да се цени вашиот труд ќе бидат гарантирани. И затоа сакам да побарам од секој од вас поддршка за овие реформи, зашто силна армија може да имаме само ако имаме задоволни офицери, подофицери и војници.

Во саботата го објавивме и новиот оглас, прв од три кои што ќе ги имаме оваа година, со кои 375 нови професионални војници ќе бидат примени во служба на армијата, со цел да ја подмладат но и со цел да гарантираат нејзин долгогодишен раст и развој.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

За нашите стратегиски цели зборуваме често, и зборуваме отворено, јасно и недвосмислено. Нашата стратешка цел – Република Македонија да стане членка на НАТО алијансата е цел која што сите нас не обврзува бидејќи тоа од нас го бараат огромно мнозинство на граѓани на нашата држава. Денес, и во овој момент, ми е чест што пред мене стојат припадници на Армија кои имаат вештини и знаења како припадниците на било која од армиите на Алијансата. И кога ве праќаме вас во НАТО предводени мисии знаеме дека чесно и со сето знаење ќе ја претставувате нашата татковина

Горда сум, горди сме на сето тоа што го постигнавте, горда сум на сето тоа што во иднина ќе го постигнете затоа што верувам во секој од вас. Верувам во нашата Армија и верувам во нашата држава и верувам дека сите заеднички и здружено ќе ја направиме Македонија сигурно и подобро место за живеење.

Нека ни е честит Денот на Првата механизирана пешадиска бригада.

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail