Обраќање на министерот за одбрана, Зоран Јолевски на свеченоста за воведување на новата службена униформа Дом на АРМ, 24.02.2017 година

Почитувани…

Ми претставува особено задоволство што денес пред македонската јавност имаме настан на кој што ја воведуваме службената униформа на Армијата на Република Македонија. Министерството за одбрана се грижи за стандардот за припадниците на АРМ и ова е една од неколкуте големи проекти што Министерството ги започна за Армијата во последниве неколку години.

Имено како што знаете пред три години беше формирана група во АРМ – експертски тим, кој што работеше интензивно на службената униформа за АРМ. Се одржа јавна презентација за изгледот на оваа униформа, направена беше анкета меѓу припадниците на Армијата со цел да видиме дали им се допаѓа, а исто така имавме експерти од областа на текстилот, со цел да имаме најдобар квалитет на службена униформа за припадниците на АРМ. Јас бев неколку месеци министер и се сеќавам во тоа време, началникот на генералштабот, генералот Горанчо Котески дојде кај мене и ми го презентира овој проект и побара да го ставиме во планот за јавни набавки. Тоа го сторивме и процедурата ја започнавме 2015 година. Мошне значајно е тоа што униформата е произведена во Република Македонија, материјалот односно штофот е ткаен и шиен во Република Македонија во фабриката „Тетекс“. Во ноември 2015 година го склучивме договорот со „Тетекс“. Во текот на минатата година материјалот прво беше ткаен и почна шиењето на оваа униформа. На овој начин ние и помагаме и на домашната економија.

Тука би сакал да истакнам дека од дваесет дела од коишто е составена униформата, деветнаесет се набавени и се во складовите на Армијата на Република Македонија. Дополнително имаме и четири илјади метри должни од материјалот коишто во иднина ќе се користи за шиење на униформи за идните офицери и подофицери.

Како што знаете Армијата на Република Македонија оваа година слави 25 години од основањето. Минатата недела го отворивме третиот кат во зградата на Министерството за одбрана каде имаме нови 1395 метри квадратни канцелариски простор, денес ја воведуваме новата службена униформа, а исто така ремонтот на првите хеликоптери е завршен и тие се подготвени оваа недела да пристигнат во Република Македонија. Би сакал да нагласам дека буџетот на Министерството за одбрана за оваа година е зголемен за 8,4% во споредба со минатата година и повеќе од 20% од овој буџет ќе биде наменет за модернизација на Армијата на Република Македонија. Започнати се неколку проекти кои се мошне значајни за зајакнување на АРМ.

Се сеќавам во февруари 2015 година кога заедно со тогашниот командант на полкот за Специјални Операции, генералот Васко Ѓурчиновски, бевме во Командата на Специјалните Операции на Соединетите Американски Држави, каде по одржаните средби започнавме да одржуваме заеднички вежби со припадниците на специјалните единици и воспоставивме директна комуникација со нив. Во тој контекст би сакал да нагласам дека оваа година имаме предвидено набавка на опрема за полкот за Специјални Операции со што ќе започне да се реализира модернизацијата на АРМ.

Како што знаете 316 милиони евра се предвидени за модернизација на Армијата и неколку проекти веќе се во тек и оваа година ќе почне да пристигнува да пристигнува потребната опрема за Армијата на Република Македонија. Инаку почнавме неколку проекти што директно го подигнуваат стандардот на припадниците на АРМ. Главно е дека во сите касарни да има специјални кантини каде што припадниците на Армијата на кои не им следува оброк, ќе може да добијат оброк по 60-70 денари. Сето ова значи дека продолжуваме да работиме заедно со Армијата на Република Македонија. Како што знаете во текот на вчерашниот и денешниот ден имавме состанок со НАТО тимот во однос на подготовката Република Македонија за членство во алијансата кој заврши мошне успешно.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail